62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, којшто се случи 1963-тата. Тој ден згасна животот на 1.070 лица, а над 3.000 беа повредени. Над 200.000 луѓе останаа без покрив на главата.
По земјотресот градот почна да се гради по урнек по проектите на јапонскиот архитект Кензо Танге. Денеска граѓаните се сеќаваат на најголемата катастрофа.
- Денес по 62 години, се сеќаваме не само на болката, туку и на светлината што ја донесоа луѓето од светот. Над 80 држави испратија помош, медицински тимови, храна, шатори и поддршка. Обединетите нации го прогласија Скопје за град на светска солидарност, а токму таа подадена рака од целиот свет помогна градот повторно да се изгради, пишува на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.
Порака испрати и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
- 26 јули засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Скопје – како потсетник дека имаме обврска, и ние и идните генерациите, да ја негуваме љубовта кон градот, никогаш да не ги заборавиме жртвите од земјотресот. Да продолжиме да го градиме Скопје и нашето општество врз вредностите што не обединија тогаш и кои треба да не обединуваат и во иднина – солидарноста, човечноста и заедништвото.
Почит на жртвите оддаде и делегација на Град Скопје.
- Овој ден е симбол на тага, но и одраз на човечноста и хуманоста во најтешките моменти.
Пораки испратија и кандидатите за градоначалници на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар