Тешка битка со пожарите - спасен живототот на припадник на армијата кој се борел со огнот
Осум активни, шест под контрола. Македонија продолжува да води тешка битка со пожарите. Поради огнот денеска се затворија патни правци, а и граничниот премин Меџитлија.
За влакно е спасен и животот на припадник на армијата кој во Штип се борел на првата линија со огнот.
Во исклучително тешки услови беше извршено драматично спасување на С.Н. од македонската Армија од првата пешадиска бригада од Штип за време на неговата несебична борба со огнената стихија, објаснуваат од полицијата.
Денеска повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита. Потребни ни се воздухоплови, но под знак прашалник е дали некој ќе ни испрати ер трактори и канадери бидејќи со огнени стихии се бори целиот регион.
Готен останува главниот фокус на службите. Краците се протегаат кон Радовиш, Василево и Берово. Место за паника кај струмичани нема, смирува првиот човек Главниот штаб за координација.
20-тина лица ги напуштија своите домови во селото Нарав, поради опасност од огнените стихии.
Нова главоболка на службите од денеска е и пожарот кај село Косевица во Македонска Каменица.
Очекуваниот дожд за денеска кој сепак нема да падне, ги разочара службите. Битката со стихиите продолжува и во Бешиште, Прилеп, Македонски Брод и Желино.
- Граѓаните се оставени сами на себе да се справуваат во огнот. Наместо нови противпожарни возила – се купуваат службени мобилни телефони за 7 милиони евра. Наместо авиони за гасење пожар и пилоти – владата расфрла пари на приватни летови, луксузни хотели, скапа морска храна, папаја и манго, обвинуваат од СДСМ.
- СДС за време на нивното владеење, додека пожарите беснееја низ државата, тераа одмори по грчките плажи, наместо да се вклучат активно во нивното гасење. Од ова произлегува само едно, дека СДС е партија која гледа само себе и се води од максимата колку полошо на другите и на државата, толку подобро за нив, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Температурите остануваат близу 40 степен, а ветерот силен. Битката продолжува.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар