Македонија
3. August 2025 - 16:26

Повторно гори кај Желино: Состојбата на другите места ширум државата е стабилна

Повторно гори кај Желино. Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека попладнево избувнал голем пожар кој се шири низ целата планина, иако изутрината имаше изгледи дека службите конечно ќе можат да здивнат.

Конечно изгаснат е пожарот на Готен кај Берово, но под контрола е ставен и тој кај Долнени.

-Пожарот којшто го гореше на територијата на општина на Долнени, на поголема надворска височина, кадешто гореше пред се, сува трева и ниска вегетација рано утрово, беа исфрлени неколку екипи на Национални шуми со доброволци и ловци коишто дејствуваа на линија на пожарот. Истиот е изгаснат, но екипите се таму со хеликоптер на полицијата извршен дополнителен дотур на вода за доколку пожарот се разбуди, истиот да биде изгаснат, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Смирувањето на состојбата со пожарите значи дека Македонија во моментот нема потреба од странска помош. Словенечкиот тим од 61 пожарникар кој со 18 возила беа ангажирани за гаснење на пожарот на Готен е веќе на пат кон дома.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов им се заблагодари на словенечките пожарникари за исцрпниот ангажман на Готен.

-Во текот на утрешниот ден заминува и чешката посада, заедно со „Блек Хок-от“ од Чешка, вели Ангелов.

Ситуацијата со пожарите се смири со падот на температурите и дождовите во изминатите неколку денови. Се уште нема проценка од надлежните колкави се штетите и колку точно шума изгоре во шумските пожари кои беснееја во текот на месец јули.