Полициска акција во Арачиново - Приведено едно лице за изнуда од 165 000 евра
165.000 евра изнуда. Истражните органи приведоа лице поврзано со криминалниот нарко-картел Барон/Беланоца во моментот на примопредавање на парите кои според неофицијални информации биле резултат на долгогодишна изнуда. Акцијата е се уште во тек, а зголемено полициско присуство има на територијата на Куманово, но и на скопско Арачиново од кадешто е и самиот изнудувач.
Официјално, и МВР и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, кои ја водат акцијата, со оскудни информации.
- Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК по претходна пријава, лиши од слобода едно лице за сторено кривично дело изнуда и во моментов се вршат претреси на повеќе локации во скопско Арачиново, велат од МВР.
Според информации на Сител, денешната акција е продолжување на случајот со кодно име „Бункер“ во кој опфатени се 18 лица од криминалната група Барон/Беланоца, а кои се сомничат за убиства и рекет. Случајот „Бункер“ е од крајот на минатата година. Од отворањето на случајот досега спроведени се неколку апсења. Последното во мај годинава кога приведени беа четворица членови на Барон/Беланоца. Тројца од нив тројца од нив биле инволвирани во логистиката за изршување на убиството на Орхан Бајрами Оки кој беше еден од лидерите на ривалската криминална група Дуќанџик/Грчец. Оки беше изрешетан на Халкидики.
Пред помалку од две недели девет членови на Барон/Беланоца седнаа на обвинителната клупа во Кривичниот суд во Скопје. Меѓу нив беше и лидерот на групата Фатљум Ајети Тоте. Но судењето беше одложено поради отсуство на дел од адвокатите. Припадниците на групата беа спроведени со огромно полициско обезбедување.
Пред околу половина месец вкупно 50 години и шест месеци затвор добија шетмината членови на ривалскиот нарко-клан Грчец. Четворица беа осудени поради набавка на околу 15 килограми кокаин, а двајца припадници на групата за извршување на двојното убиство во Топанско поле во 2021 година.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар