Македонија
11. August 2025 - 16:36

Упатство на ДИК за независните ќе биде без број на потписи и без заверка од нотар

Без бројка колку граѓански потписи се потребни, но и без нивна нотарска заверка како досега, само со прецизирање на образецот за листа на советници и рокови. Сител неофицијално дознава што би можело да содржи новото Упатство за независните кандидатури откако станува јасно дека парламентот нема да донесе измени на Изборниот законик со кој ќе се прецизираат критериумите за тоа.

Принципот од кој ДИК веројатно ќе се води за независните ќе биде самокандидирање“. Според објаснувањето на некои членови од изборното тело, кај советничките листи воопшто ќе нема потреба од дополнителни потписи од оние на самите предложени советници, бидејќи тие се веќе група избирачи. Кај кандидатурите за градоначалници, пак, секој кандидат сам ќе одлучи од колку граѓани ќе си побара поддршка, битно е да се задоволи критеримот група избирачи, што би значело само два потписа.

Упатство се планира да биде донесено некаде кон средината на наредната недела.

И премиерот Мицкоски очекува Државната изборна комисија преку правилник да ги прецизира критериумите и начинот на собирање граѓански потписи за независна кандидатура откако Уставниот суд ги укина претходните законски решенија.

Тој вели дека измените на изборниот законик биле подготовени и усогласени од сите политички партии, но дека се блокирани во парламентот поради ДУИ.

Неофицијално, во предложените законски измени бил симнат прагот за независно кандидирање и тоа за општини над 100 илјади жители биле потребни 900 потписи, додека во пак, во најмалите општини би биле потребни само 200 потписи.

Иако побаравме ставови од опозциската ДУИ зошто го блокираат Изборниот законик, а со тоа и независното кандидрање, одговор не добивме.

ДИК во саботата, по распишувањето на локалните избори за 19 октомври, зазеде став дека на изборите ќе може да учествуваат и независни кандидати за градоначланици и советници преку номинирање од група на избирачи.

Граѓанските иницијативи со сомнеж и со критика за ваквата позција на ДИК, бидејки дел од нив веќе почнаа постапка за формирање на политички партии откако првично, им беше сугерирана таква опција.