Македонија
16. August 2025 - 16:31

Славески: Без јасна поделба на универзитетите секое следно рангирање ќе носи фрустрации, не решенија

Во високото образование мора да се направи јасна поделба на истражувачки и наставни универзитети смета научната фела која со години реагира по објавувањето на најпознатата Шангајска листа.

Гувернерот и академски професор Трајко Славески смета дека денес многу студенти се запишуваат на факултет без реални предиспозиции а редовни професори во поодминати години предаваат по три и повеќе предмети на додипломските студии. Како едно од решенијата е токму поделба на истражувачки и селективни по примерот на светски реномираните универзитети а сите други ќе бидат наставни.

Другите ќе продолжат да функционираат како „наставни” (teaching) универзитети. Сосем легитимно, кај овој вид универзитети примарна ќе биде наставата. Професорите ќе имаат поголема оптовареност со настава во споредба со истражувачките универзитети

Истражувачките универзитети ќе имаат посебен третман при финансирањето, за да не мора како сега да се тепаат за да запишат што поголем број студенти со партиципација. Професорите ќе имаат значително помал фонд на часови, при што фокусот ќе им биде врз постдипломските и докторските студии, што ослободува сериозен фонд на часови за научно-истражувачки активности. Со додипломците претежно ќе работат доценти и помлади професори. Бројот на запишани студенти на истражувачките универзитети ќе се ограничи на особено успешните и талентирани завршени средношколци.

Славески смета дека законот за високо образование пречесто бил менуван, без јасно поставени цели лутајќи меѓу нереално високи стандарди за сите универзитети и отпорот од одредени професори токму кон обидот за да се заострат критериумите за напредување во академската професија. Во таква клима професорот Славески смета дека се појавуваат плагијати и трудови во предаторски списанија. Со ваквата поставеност гувернерот оценува дека секое наредно рангирање ќе донесе уште поголеми фрустрации отколку решенија.

Академската фела со години укажува на фактот дека во Македонија системот на финансирање и поддршка за квалитетот во високото образование задолжително треба да се промени а примери може да се земат и од соседните земји кои најдоа свое место на светската акдемска карта.

Од земјите во регионот, најдобро котира Универзитетот во Белград, по него се универзитеѕтот од Љубљана, два грчки универзитети а меѓу подолу рангираните свое место најде и универзитетот во Загреб.