Македонија
20. August 2025 - 16:40

Му пишале казна бидејќи фрлил ѓубре до контејнер, а контејнерот бил преполн со смет

Oтишол да фрли ѓубре, се вратил дома со казна. Скопјанец се соочува со казна од 40 евра, откако оставил вреќа со смет до преполн контејнер, бидејќи немало место во него. Иако логично решение во тој момент, инспекторите сметале дека сторил прекршок и веднаш му напишале казна.Претходно, си седеле во автомобил и чекале некој граѓанин да направи ваков прекршок.  

Дека контејнерите биле преполни, сведочат и фотографиите кои ни ги испрати скопјанецот кои ги направил истата вечер кога му ја напишале казната.

Овој скопјанец кој инсистираше да биде анонимен, не е единствениот којшто е револтиран од ваквите постапки на инспекциските служби. Десеттина граѓани ја контактираа нашата редакција, кои биле во иста ситуација - односно инспекторите ги демнат од заседа главно во вечерните часови и тоа намерно покрај преполни контејнери, каде нема дру начин како да се остави сметот.  Па сега се отвора прашањето дали казните станаа поважни од решенијата? Ги прашавме во Град Скопје, зошто ова се случува и каде граѓаните треба да го фрлаат ѓубрето кога контејнерите се преполни до врв? Ама, одговор од Градот, не добивме.

Сител денеска направи обиколка низ Скопје. „Пластичарска“ е во очајна состојба. Начекавме ѓубре во и надвор од контејнерите, на повеќе места на улицата. 

Состојбата во Аеродром е приказна сама посебе. Каде и да влезете на паркнзите на трговците центри, ќе ве чека непријатна миризба и отпад насекаде околу контејнерите. Меѓу отпадот ќе најдете по некое столче и делови од туш кабина. 

Дали се размислува за почесто празнење на контејнерите низ метрополата, ги прашавме службите во Комунална хигиена, но одговор до овој момент не добивме. 

Преполните контејнери во Скопје, не се новина, но ваквиот начин на пишување казни за граѓаните станува се почеста пракса. 

Во овие моменти се отвара дилема во јавноста: Зошто граѓаните да плаќаат казни, бидејќи службите не си ја вршат работата и не ги празнат контејнерите со смет почесто? Дали некој ќе ги казни службите бидејќи не работат правилно, или како по обичај ќе се удри по џебот на граѓанинот?