Николоски тврди: ЕУ ги пролонгира новите правила за влез и излез за македонските граѓани
Европската Унија за една година ги пролонгира новите правила за влез и излез за македонските граѓани, тврди министерот за транспорт, без да прецизира на кој од двата система мисли. Системот за влез и излез, познат како ЕЕС е планиран да стартува на 12 октомври, а Европскиот систем за информации и авторазација при патување е одложен за последниот квартал од 2026 година.
- Во однос на правилата за влез и излез, тие се одложени за Македонија, ќе стартуваат, ако стартуваат од април следната година, доколку повторно нема одлагање. Секако дека ќе направиме се што можеме за македонските граѓани полесно да влегуваат во ЕУ. Во суштина, она што сме информирани е дека постојниот систем којшто го има ЕУ се дигитализира, светот оди напред и технологијата оди напред. Секако во таа насока треба да се почитува она што го воведува ЕУ, од една страна, а од друга страна треба да не се комплицира процедурата за влез на македонските граѓани, вели Николоски.
Двата дигитални системи ЕУ ги најави уште во 2016 година. По неколку одлагања, ЕЕС и ЕТИАС треба да стартуваат во октомври годинава, односно крајот на идната година.
Но што се ЕЕС и ЕТАС? Системот за влез и излез ќе ги регистрира сите влезови и излези на државјани на трети земји. Со тоа практично ќе бидат заменети сегашните пасошки печати. Во него први првиот влез во ЕУ секој патник ќе треба да вметне биометриски податоци, односно отисок од лице и прст. Системот сам ќе пресметува колку време странците претстојуваат во рамките на дозволените 90 од 180 дена.
ЕТИАС, пак е електронска дозвола што ќе мора да ја имаат патниците од земјите кои патуваат без виза, пред да влезат во Шенген. Ова не е замена за виза, но секој кој ќе сака да влезе во ЕУ ќе мора да аплицира онлајн, да плати 20 евра такса и ќе добие безбедносна проверка пред патувањето. Разликата е во тоа што ЕЕС ќе функционира на самата граница, а ЕТИАС е претходна онлајн процедура за безбедносна проверка.
На овој начин, ЕУ ги дигитализира процесите, но и сака да ја зајакне контролата на границите на Унијата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар