М. Брод ќе биде првата општина која што ќе добие Дневен центар за активно стареење во рурална средина, во с.Самоков
Македонски Брод ќе биде првата општина во Македонија која што ќе добие Дневен центар за активно стареење во рурална средина. Досега вакви центри се отвораа само во градските средини.
Овој Центар ќе биде сместен во селото Самоов, длабоко во Поречието и ќе има капацитет во текот на денот во рок од 8 часови да прими 50 стари лица кои тука ќе може да го поминуваат своето слободно време, да се дружат и да се социјализираат. Установата ќе биде сместена во објектот на стариот интернат во Самоков.
„Ќе добиваат дневна услуга, односно ќе бидат ангажирани стручно лице и помошно-технички персонал. Повозрасните лица ќе можат активно да ги поминуваат своите години, но исто така тоа значи дека животот во Самоков се приближува до оној живот во поголемите градови, односно административни центри. Овој проект беше започнат далечната 2009 година, меѓутоа не го виде светлото на денот. Денес во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади повторно го активираме овој проект“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Планирано е оваа прва фаза проектот да трае 5 години, годишно центарот од државата да добива по 5 милиони денари, а оваа прва година да добие плус уште 1.700.000 за реконструкција и преадаптација на дел од просториите. Дел од просториите веќе се опремени со инвентар кој е тука од имплементацијата на првиот ваков проект во 2009-тата година.
„Искрено да ви кажам, мислам дека идејата и овој потег што се направи е доста добар, затоа што конечно и ние како пензионери, и јас утре како пензионер ќе можеме да се дружиме, да седнеме, да се напиеме едно чајче, да изиграме карти, пикадо итн., да поминеме 4-5-6 саати. Сметам дека навистина е корисен“, додаде Слободан Крстески, жител на село Самоков.
Центарот ќе го опфаќа целиот крај кој гравитира околу Самоков и соседните населени места.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар