Македонија
26. August 2025 - 12:16

Сите штипски основни училишта побараа од Советот да формираат паралелки со ученици под законскиот минимум

Сите основни општински училишта во Штип, побараа согласност од Советот да им дозволи формирање на паралелки со помал број ученинци. Ова стана пракса со години наназад поради намалениот број на првачиња, но и испишувањето на учениците од повисоките одделенија. Причина е масовното иселувања на цели семејства.

- Да ни дадете согласност за формирање паралелки со помал број на ученици и тоа две паралелки во I-во, две паралеки во  V-то, една паралелка во VI-то, три паралелки VIII-мо и две паралелки во IX-то одделение. Барањето за формирање на паралелки со помал број на ученици во прво одделение се должи на намеленоста на уписот на учениците, не само во ООУ „Димитар Влахов“- Штип, туку и на локално ниво, изјави Невенка Величкова, директорка на ООУ „Димитар Влахов“- Штип 

Опозициските советници пак обвинуваат дека се случува парадоксална ситуација.

- Додека сите училишта бележат намален број на ученици и пројавуваат потреба за формирање на паралелки со помал број на ученици од законскиот, предизборно бевме сведоци на голем број огласи за вработување, токму во образованието, изјави Маријана Рогожарска Поповска, координатор на СГ-СДСМ и коалиција

Согласно Законот во основното образование, минималниот број на ученици во една паралелка треба да биде 20, но последните неколку години во Штип се формираат паралелки со помалку ученици од законскиот минимум, а во дел од основните училишта има паралелки и со по едвај 10 основци.