На Татјана Димитровска ќе ѝ се суди во одделна постапка од „Адитив“
Со доцнење од 45 минути поради технички проблеми во дигиталната судница во Идризово почна второто рочиште за случајот „Адитив“. Но рочиштето траеше многу кратко бидејќи не се појави обвинетата службеничка од „Пошта“ Маја Јорданова, чија компанија „Браинкоде“ ги продавала адитивите по поскапи цени на државата ЕСМ. Како што образложи судот, пред рочиштето ефективниот притвор за Јорданова бил преиначен во куќен притвор, но одлуката сѐ уште не била правосилна, па не била испратена наредба за спровод. Поради тоа немаше услови за одржување на главна јавна расправа.
Во судницата не дојде ниту поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска. Обвинителството побара, но судот одби, случајот на поранешната прва антикорупционерка да биде споен заедно со „Адитив“.
- Немам право да ја коментирам судската одлука, но со самиот предлог ние сметавме дека треба да биде споена постапката односно од обвинетите со претходно поднесениот обвинителен акт со обвинителен предлог требаше да биде споен и кон оваа постапка затоа што сметавме дека постои објективен и субјективен конекситет помеѓу самите обвинети и помеѓу доказите. Но одлуката на судот е таа, рече обвинителот Азизи.
Обвинителството е убедено дека дејствијата кои Димитровска ги презела го сочинуваат делото - оддавање на службена тајна. Но одбраната го тврди спротивното. За адвокатот Владимир Туфегџиќ одлуката на судот да не се спојат двата предмети е исправна и смета дека Димитровска воопшто не му оддала службена тајна на Небојша Стојановиќ кој е обвинет во „Адитив“.
- Се работи за јавно достапни информации, така што, кривичното дело оддавање на службена тајна не може да биде воопшто предмет на обвинение бидејќи имам потврда од Антикорупциската комисија дека информациите со кои тие оперираат и располагаат не се класифицирани како службена тајна, рече Туфегџиќ.
Туфегџиќ е убеден за Димитровска не треба да има никаква кривична одговорност ниту за тоа што колега ѝ го полагал испитот за безбедносен серификат за државна тајна. Појаснува дека курсот бил од апликативен карактер и немал никакво суштинско значење за добивање на безбедносен сертификат и затоа очекува ослободителна пресуда.
- Апсолутно нема никаква кривична одговорност затоа што лицето кои ги внесувало податоците ги правело тоа заедно со Татјана Димитровска. Јавноста треба да знае дека секое лице кое е заинтересирано и има можност да аплицира 30-тина пати во текот на денот, нема строго пропишана форма и контрола во таа смисла и во таа насока и полагањето може да се врши, да имате и закон пред себе. Фактички, целта и поентата на овој дел во постапката е проверка на елементарно познавање на Законот за класифицирани податоци, вели Туфегџиќ.
При екстрахирање на податоци од мобилниот телефон на Димитровска истражните органи најдоа комуникација меѓу неа и Небојша Стојановиќ. По притисок на јавноста, откако обвинителството достави предлог до судот, Димитровска поднесе оставка и сега ДКСК практично нема претседател.
Случајот „Адитив“ произлезе од новинарско истражување. Службеничката вработена во „Пошта“, Маја Јорданова на ЕСМ му продавала адитив по повисока цена од пазарната. Во случајот обвинети се 31 физички лица и пет компании.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар