Екс директорот на АНБ негира незаконско следење на комуникации, Мицкоски вели - сите ќе одговараат
Екс директорот на АНБ ги негира наводите за незаконско следење на комуникациите на новинари, министри, јавен обвинител и Мицкоски. Виктор Димовски преку ФБ тврди дека Мицкоски никогаш не бил таргет на Агенцијата за националана безбедност и бара документите да бидат декласифицирани и јавно објавени.
- Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања!, пишува Димовски.
Премиерот Мицкоски и денеска со порака дека сите вмешани во овој скандал ќе одговараат. Вели нелегалното следење на комуникациите е удар врз темелите на државата.
- Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши, вели Мицкоски
Документите да бидат јавно објавени бара и лидерот на СДСМ. Филипче вели дека многу пати досега во јавноста беа објавувани наводни скандали за кои нема потврда од надлежните институции.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак прашуваат каква е улогата на актуелниот обвинител Љупчо Коцевски
Од Обвинителството пак велат дека тие немаат никави можности за незаконско следење на комуникациите
- Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките Според законот за следење на комуникациите наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон, посочуваат оттаму и додаваат дека ОЈО ГОКК веќе ги истражува наводите.
Оформениот предмет е во предистражна постапка и засега без многу детали, освен дека се преземаат конкретни активности. На целосно расчистување на сомнежите за следење на новинари и медиумски работиници денека повикаа и ЗНМ и ССНМ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар