Пратениците влегоа и во Разузнавање – Документи не добија на увид
Пратениците повторно останаа без документи од разузнавачките служби за да проверат дали во изминативе 5 години имало незaконско следење на политичари, бизнисмени и новинари. Иако влегоа во Агенцијата за разузнавање со безбедносни сертификати, сепак директорката Габриела Јаковлева не можела да им даде детали за случајот бидејки предметот е во предистрага, а таа е тајна.
Истражителите на јавното обвинителство влегле во разузнавање и побарале информации за незаконско следење уште пред неколку месеци. Неофицијално се работи за две кривични пријави, од кои едната е анонимна.
Владејачките и опозициските пратеници признаваат дека во предистрагата им се врзани рацете за да направат увид. Опозицијата бара автентично толкување на Законот за кривична постапка за да можат да гледаат докази од предистрага, власта пак, бара ажурност од обвинителите и расчистување на случајот.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој всушност прв изрази сомнеж дека бил следен од службите додека бил опозиционер не сака да го коментира тоа пратениците останале без целосен увид во документите бидејки е тајна.
„Си има процедура Обвинителството, во нивни раце е, така што на таа тема повеќе нема што да додадам. Сепак тоа се теми во кои сум бил индиректен учесник и не би имал што да кажам, не би сакал да коментирам такви класифицирани работи“, изјави премиерот.
Лидерот на опозицијата Филипче пак, тврди дека во времето на владеење на СДСМ немало никаква злоупотреба нa службите или незаконско пратење или прислушување. Вели дека скандалот е политичка конструкција на ВМРО-ДПМНЕ пред избори.
„Сè што треба да направи Владата е материјалите да ги декласифицира. Тоа е едноставно. Ако навистина сакаат јавноста да знае што се случувало, тогаш нека дозволат увид во документите. Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог“,„Зошто има потреба да се плаши некој? Зошто има потреба да се замајува јавноста? Зошто има потреба да се бега од вистината?“, изјави Филипче.
Собраниската контрола на Агенцијата за разузнавање е дел од вчерашната одлуката на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР. Вчера истите пратеници влегоа и кај Христовски, но и таму увидот не даде резултат поради тоа што предметот е во предистрага.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар