Македонија
15. September 2025 - 16:41

Од 1 декември полесно до прв стан на кредит

Од први декември полесно до прв стан на кредит. Народната банка одлучи да ги раздвои условите за граѓаните кои купуваат прв дом за живеење и оние што купуваат недвижности како инвестиција. 

За прв стан, сопственото учество ќе биде најмалку 10% од вредноста на недвижнината, наместо досегашните 15. Остатокот ќе го покрие банката. На пример, ако млад брачен пар купи стан од 100 илјади евра, ќе треба да обезбеди 10 илјади евра свои пари, а банката ќе финансира 90 илјади евра. Правилото за „рата-плата“ останува исто, односно најмногу 55% од месечната плата може да оди за отплата.

За оние што сакаат да купат втор стан ќе важат многу построги правила. Најмалку 25% сопствено учество, или за стан од 100 илјади евра, тоа се 25 илјади евра. Месечната рата, пак, се спушта на најмногу 50% од платата.

Поволностите за прв дом ќе важат само за граѓани кои немаат друг стан, не користат друг станбен кредит, и ќе живеат во купениот стан. Ќе треба да достават нотaрски заверена изјава, податоци со адреса, како и сметки за комуналии. Ако се открие измама, банката ќе има право да ги промени условите. 

Гувернерот на Народната банка очекува да се намалат и каматите. 

„Очекувам дека нашите банки, во согласност со практиката присутна во голем број земји во светот, на кредитобарателите коишто за првпат купуваат стан како примарно живеалиште, ќе им понудат пониски каматни стапки на кредитите во висина од 0,5 до 0,75 процентни поени, што би придонесло за заштеди изразени во илјадници евра“ – Трајко Славески, Гувернер на Народната банка

Славески се надева дека со ова ќе се стабилизираат цените на становите чие поскапување беше двоцифрено во последните два квартала.

Во меѓувреме, гувернерот е оптимист дека ќе продолжи и трендот на намалување на инфлација.

„Очекуваме и посакуваме во наредниот период стапка на инфлација пониска од три отсто, а на среден рок во период од две години да се вратиме на историските нивоа што ги имавме односно на стапка на инфлација од околу два проценти како во еврозоната“ – Трајко Славески, Гувернер на Народната банка

Државна статистика пресмета зголемување на инфлацијата во август за 4,4% споредено со лани.