ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги објавија кандидатите за советници на метрополата
Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет наспроти поранешната новинарка Катерина Цаневска Арсовска. Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги објавија носителите на листата на советници за Скопје. Иако советничкиот двобој досега беше во сенка на градоначалничкиот сепак изминативе 4 години се покажа дека токму градскиот совет е местото каде се носат клучните одлуки.
Димитровски е ново име за град Скопје, но тој е дел од партиската структура на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна од советник на премиерот Мицкоски за животна средина беше назначен за претседател на Управниот одбор на депонијата Дрисла. Веднаш зад него е Луке Галевски, кој и сега е дел од градскиот совет. На листата има уште неколку имиња кои ги задржуваат своите позиции, но главно власта се решила за нови советнички имиња.
Цаневска пак, е поранешена новинарка, која крајот на кариерата го заврши во кабиентите на градоначалникот Жерновски, претседателскиот кабинет на Пендаровски, а сега е советничка за комуникации во СДСМ. Зад неа е поранешниот директор на Зоолошката градина - Ѓорѓи Галетановски. На градската листа е и Кети Штерјова, која беше дел од градоначалничкиот кабинет на Герасимовски.
Вчера истече рокот до кој партиите требаше да ги поднесат кандидатурите за градоначалници и советници.
Сепак, двете најголеми партии останаа без кандидати во Струга, а СДСМ не поднесе пријава ни за Кичево. Опозицискиот лидер вели дека не поднеле кандидатури во општините каде процениле дека немаат шанси за победа.
Според податоците на ДИК, 18 кандидати ќе трчаат за главниот град заедно со 20 советнички листи. За сите општини пак, пријавени се над 312 кандидати за градоначалници со 575 листи за советници. Изборната комисија до утре ќе треба и да ги потврди кандидатурите. Ждрепката за изгледот на гласачкото ливче треба да се одржи најдоцна до 25 септември. Кампањата пак, почнува 4 дена подоцна на 29 септември и трае до 17 октовмри на полноќ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар