Македонија
16. September 2025 - 16:38

Мицкоски: Пожарите доаѓаат од центри на моќ за да сејат страв, идентификувани се 20 лица

Подметнатите пожари се инструмент на центри на моќ за предизборно сеење страв и паника, дециден е премиерот Мицкоски и по пожарот во автосервисот во Пинтија. Мицкоски и претходно тврдеше дека серијата пожари во главниот град: на депониите Вардариште и Дрисла, на отпадот во Шуто Оризари, како и пожарот на складиште за електронски отпад во Трубарево се намерно предизвикани и политички мотивирани. 

Премиерот вели дека истражните органи веќе идентификувале 20 лица кои се поврзуваат со целиот процес, а поради безедносниот проблем во заседаение се и врвните структури во МВР. 

Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е само уште еден доказ за тоа што го зборувам цело време дека, за жал, постојат центри на моќ коишто се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните пред изборите.... Идентификувани се отприлика дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат позади овој процес. Истовремено имавме одредени дојави што ги собиравме изминативе денови и во координирана акција МВР со Министерството за животна средина ќе постапува во деновите коишто следат. За жал, има структури кои на ваков начин се обидуваат да внесат нестабилност и немир, но како што кажав тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат, ние чесно ќе работиме, ќе се бориме, и на крај повторно ќе победиме

Мицкоски бара и законски измени од своите пратеници со кои подметнувањето на пожар ќе се смета за тероризам.

За опозицијата и денеска тезите на власта за организирано подметнување на пожари во политички цели е само манипулација на јавноста. 

„После толку многу манипулации, толку многу измислици прашањео е дали воопшто граѓаните можат да му веруваат? Не. На Христијан Мицкоски не може да му се верува. Јавно искажаниот збор на еден политичар, особено на претседател на влада, носи тежина и голема одговорност. Зборовите можат да предизвикаат страв, паника или да влијаат врз стабилноста на државата. Крајно неодговорно е премиер да си дозволи да изнесува тврдења без факти и без докази, со единствена цел да си ја спасува сопствената политичка кожа.“
Коментарите за можни хибридни напади Филипче вчера ги нарече смешно алиби за нејзината неспособност. Незадоволни од работата на министерот за животна средина Меџити кој е кандидат на Вреди за Чаир, се и од опозициската ДУИ.

„Логичното прашање што требаше да се постави е зошто Изет меџити не си поднесе оставка од вицепремиер и министер за животна средина. И кога скопје гореше, он, и ако е министер, се криеше и реализираше партиски активности. Тоа е суштинското прашање, зошто не си поднесува оставка но го чува како план резерва ако ги изгуби изборите, да остане во владата“

Од Вреди пак, велат ги расчистуваат депониите, како онаа во Никуштак, межу Липко И Арчаиново што ги остави ДУИ.

“ДУИ 20 години ги остави Албанците да живеат меѓу отпадот, додека самите се богатеа на нивен грб. Денес го затворивме нивниот отпад, но на 19 октомври граѓаните ќе ги затворат и политичките кариери на фосили на ДУИ. Липково, Арачиново и секоја албанска општина повеќе нема да бидат гробишта од ѓубре на ДУИ, ниту од отпад, ниту од корупција, ниту од политичко предавство.“

Меѓу последните измени на Кривичниот законик беше токму воведување на делото екоцид за кое сторителите кои намерно ќе предизвикуаат сериозна, широкораспространета или долготрајна штета на животна средина ќе се казнат со затвор од најмлаку 10 години или доживотен затвор.