Стан од 96 квадрати во Центар продаден за 260.000 евра, најмногу продажби во Аеродром
Благ пад на пазарот на недвижности. Во вториот квартал од годинава продадени се 676 станови, што е за 178 помалку споредено со првиот квартал, покажува извештајот на катастарот.
Најголем број станови се продадени во општина Аеродром – 164.
Во овој квартал, највисоката постигната цена за стан по метар квадратен е во општина Центар каде стан од 96 квадрати е продаден по цена од 260 илјади евра, односно над 2.700 евра за квадрат.
Вкупно, за три месеци, продадени се станови во вредност од над 112 милиони евра.
Истовремено, закупени се 639 станови, најмногу во скопски Центар. Тука, според извештајот, е забележана и највисоката просечна цена за закуп – 6 евра за квадрат.
Во фаза на градба се над 25 илјади станови кои ќе се најдат на пазарот на недвижности.
-Според податоците од последниот попис, населени се нешто над 63% од становите. Останатите околу 37% се ненаселени. Поедноставно кажано, секој трет стан е празен.
Народната банка забележа значителен годишен раст на цените на становите во Скопје од 22,3 проценти во вториот квартал годинава.
За да се постигне стабилизација, од први декември ќе важат посебни услови за граѓаните кои купуваат станови за првпат и оние кои сакаат да инвестираат. Па така, тој што досега нема купено стан, ќе може да подигне станбен кредит со 10% учество, а оние што купуваат по повеќе станови ќе мора да издвојат над 25%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар