Македонија
23. September 2025 - 12:22

Тутунарите се надеваат на добри откупни цени на тутунот

Иако во последниот период се зголемија врнежите на дожд, сепак тие се задоцнети, доколку се набере целиот тутун кој што сега го има на навите, ќе има зголемување од само 5 до 10%. Ова е ставот на Сојузот на тутунарски здруженија според кого од предвидените 27 милиони килограми кога се склучуваа договорите со откупувачите, сега ќе има максимум до 22 милиони килограми.

Но квалитетот на тутунот е еден од најдобрите досега, што пак кај тутунарите  дава надеж дека и цената ќе бие добра и прифатлива за нив.

„За разлика од минатите години оваа година имаме доста квалитетен тутун. Ваков квалитет сме немале во последните 7-8, па можам да кажам и 10 години. Се надевам дека тоа ќе ја подобри состојбата околу сумата за пари што треба да ја добијат кооперантите, но треба да бидат и самите откупувачи свесни дека оваа реколта е далеку поквалитетна и да сметаат дека тутунот ќе го платат повисоко него ланската цена“, рече Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија на Македонија.

И тутунарите велат дека годинава тутунот е со одличен квалитет, и дека последните дождови им ги зголемиле количните. Се надеваат на добра откупна цена.

„Ќе се поправи малку количината, инаку беше сушна годината и понемаше тутун, каде што имаше вода, бунари иои хидросистем вадевеме, а каде што немаше беше сушно. Годинава имаме убав тутун, да видиме како ќе биде со цената и токупот, очекуваме дека треба добро да се плати“, вели Илија Јаковлески, тутунопроизводител.

Инаку годинава тутунарите бараа 510 денари за прва класа, а од откупувачите добија само 420 денари. Дали ќе има зголемување со анекси на договорите ќе се знае до крајот на годината.