Македонија
25. September 2025 - 16:41

Ахмети: Скршнување од патот кон ЕУ ќе предизвика поделби

Ахмети со порака до Владата, доколку не продолжат со евроинтегративниот пат државата ќе се подели на две страни, едни ќе тргнат кон Албанија други кон Бугарија. Ова вчера вечер во Тетово го изјави упати лидерот на ДУИ кој му се обрати директно на премиерот Мицкоски, предупредувајќи го дека евентуалното скршнување од патот кон ЕУ ќе ги доведе граѓаните на оваа земја во ситуација да немаат друг избор. 

Според Ахмети овие избори се можност за обединување на Албанците. 

„Ако не го продолжи Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија! Затоа, не ги хранете нашите сограѓани со омраза, бидејќи не се Албанците тие кои ја преземаат државата, ниту Бугарите. Албанија и Бугарија се во ЕУ, каде ќе бидеме ние?

Тие прават последователни грешки во насока на враќање назад, како во политичкиот развој, така и во етничкиот. Секако, не следат на секоја средба и на секој наш говор.

Христијан Мицкоски е млад, е патриот, но многу задоцнет. Денес патриотизмот не се мери со зборови, туку со придонес за зближување на заедниците, за унапредување на вредностите што нè приближуваат до Европската Унија, а не со заглавување во минатото. Примерот на историското помирување меѓу Франција и Германија треба да ни биде поука.

И денес, целата кампања ја води со мотото „Нашата Македонија“. Но, чија е Македонија? Ако се дејствува на тој начин, државата ризикува да се распарчи, да стане трошки-трошки. Македонија како целина мора да оди кон Европа, но тоа не може да се случи без Албанците. Не може да се оди напред со патриоти „на батерии“, изјави лидерот на ДУИ.

Оваа порака на Ахмети наиде на остри реакции кај дел од македонските политички партии. Од СПМ велат изјавата на лидерот на ДУИ содржи наратив на поделби и создавање на етнички тензии. Социјалистичката партија ги обвини интегративците дека се жедни за власт и спас од одговорност па се служат со сеење омраза и поделби. 

„Најмалку во ДУИ можат да бидат загрижеи за евроинтегративниот процес на Македонија. Не можат затоа што како тиранин повеќе од 20 години безочно владееја со Македонија крадејќи ги сите нејзини ресурси и злоупотребувајќи ја власта. И во опозиција ДУИ, жедна за власт и за спас од одговорноста, постапува противуставно со најавата на поделба на државата“.

Обвинителството да покрене постапка против Али Ахмети за повик за загрозување на територијалниот интегритет на Македонија побараа од Демократски Сојуз.

„Претседателот на ДУИ, барајќи спас од кривичен прогон на неговата одметната криминална партиска врхушка, веќе подолго време работи на поделба на граѓаните - на оние кои се наводно определени за европскиот пат и оние кои се божем против. Притоа сака да прикаже дека Македонците, за разлика од Албанците, не сакаат членство на државата во ЕУ. Но откако не успеа да докаже дека ДУИ е ексклузивен легитимен претставник на Албанците во власта, Ахмети реши да отиде чекор подалеку – и да ги повика Албанците да одат во ЕУ со Албанија, а Македонците - со Бугарија!? Ова, меѓу другото е и злонамерна сугестија на поранешниот командант на УЧК, дека мнозинството Македонци би прифатиле да станат Бугари само заради членство во ЕУ“.

Од ДУИ демантираат дека лидерот Ахмети упатил пораки за поделба на граѓаните и тврдат дека се работи за скандалозна и поттикнувачка злоуотреба и извртување на тезите на Ахмети. 

„Демократската Унија за Интеграција најостро реагира на тенденциозните наслови и интерпретации кои се појавија во дел од медиумите, со тврдења за наводна поделба на државата. Таквите квалификации се неточни и искривуваат јасна и недвосмислена порака“.

Од партијата на интегративците велат дека Ахмети во изјавата потенцира дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија и без притоа воопшто да се спомене поделба.