Тротоарите во Скопје непроодни од ѓубре, Општина Аеродром и Градот поднесоа кривични пријави
Контејнерите низ Скопје и денеска останаа полни до врв. Поради депониите формирани наоколу, тротоарите наликуваат на лавиринт од ѓубре.
„Многу е валкано и навистина ова на ништо не личи. Ова е страшно за сите. Еве поминав на оваа страна само да не поминам таму. Ужасно е, страшно разочарувачки“
„Тоа ти е жива болест. Со месеци не се исчистени контејнерите. Мириса неубаво“
„Премногу малку контејнери има на волку население“
„Еве во прашина, во ѓубре сме со децата“
„Мене како ме има укасано бубачка што не сум видела во животот таква, два месеца имав џумка, од ѓубрето, поминувајќи покрај ѓубрето“
„Опасно е ова, и за здравјето“
За несобраното ѓубре, Општина Аеродром поднесе кривична пријава против Комунална хигиена за загрозување на животната средина.
„Во изминативе 3 дена успеавме да собереме 24 тони комунален отпад од домаќинствата во Аеродром, работа која градското комунално претпријатие не ја изврши. Ова беше возможно само благодарение на ангажманот и трудот на работниците на ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром“.
За загрозување на животната средина веднаш потоа кривична пријава поднесе и Град Скопје, но против претседателката на управниот одбор на Комунална хигиена, Јулијана Спировска.
„Поради неа и нејзините политички мотивирани опструкции повеќе од 3 години претпријатието е нефункционално“, велат од Градот.
Од Здружението на млади правници веќе поднесоа иницијатива за итен инспекциски надзор во Комунална за да се утврди што се случува во претпријатието и зошто не се собира ѓубрето.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар