Македонија
26. September 2025 - 16:46

11 полицајци од СВР Велес на дисциплинска за случајот со убиената Росица

11 полицајци од СВР Велес се дадени на дисциплинска поради не постапување по кривична пријава која ја поднела убиената Росица. МВР соопшти дека Oдделот за внатрешна контрола по извршени детални проверки за настаните кои ги пријавувала жртвата, овие полицајци не преземале дејствија согласно законот. За 11-те припадници на велешката полиција МВР го известило и Јавното обвинителство. 

„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите“, соопшти МВР.

Од МВР нема информација за кои пријави внатрешната контрола утврдила дека полициските службеници не постапиле по закон. 

Росица беше убиена од нејзиниот поранешен партнер кого го пријаувала во полиција седум пати од почетокот на годинава. Во обвинителството имало постапка за него, додека тој бил осуден на условна казна. За случајот со убиената Росица јавноста реагираше бурно бидејќи таа повеќепати барала помош од надлежните органи. Повеќе граѓански организации и невладини и вчера протестираа пред Собранието.