Нова еколошката закана за Вардар: Граѓаните згрозени, дали институциите преземаат мерки?
Нова еколошка закана за Вардар на прагот. Стотици шишиња и денеска пловат по водите на Вардар. Социјалните мрежи се преплавени со загрижувачки снимки кај тетовското село Копанце, на кои се забележува како реката има пластична покривка.
Од здружението Млади правници алармираат дека инспекторите мора да излезат на терен и да проценат дали е сторено кривично дело.
Состојбата со реката и во Скопје не е поразлична. На пладне, на патките друштво во водата им правеа пластичните шишиња. Скопјани предупредуваат дека отпад од Копанце ќе стигне и до главниот град. Затоа бараат институциите веднаш да постапат.
Комуналните претпријатија не си ја вршат работата, затоа е дојдено до оваа состојба велат од ресорното министерство.
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека причините за ваквата состојба се должат на незадоволителното ниво на комунални услуги од страна на операторите, особено во руралните средини. Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби.
И додека од министерството бараат од градоначалниците и претпријатијата поголема ажурност за водните текови, полицајците во Тетово веќе трагаат по виновници за оваа состојба.
„Ве известуваме дека СВР Тетово презема соодветни мерки и активности за откривање на сторителите и начинот како е настанато толкаво количество на пластичен отпад по течението на реката, со што е предизвикано нејзино загадување. По расчистување на случајот ќе биде изготвен соодветен поднесок“.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
