Македонија
19. December 2025 - 16:42

Скопје меѓу најзагадените градoви

ПМ честичките во воздухот со денови го преминуваат дозволениот праг. Главниот град ова утро беше трет на листата градови со најзагаден воздух. Скопје со денови е на врвот на листата но и без овие мерења токсичниот воздух е видлив и со голо око. Граѓаните револтирани велат секоја година состојбата е иста и ништо не се презема за да се подобри квалитетот на воздухот.

Граѓанските организации и еко активисти веќе најавија протести. Стоп за Усје организира блокада пред Цементарницата на 25 декември во 18ч и ги повикаа сите граѓани да се вклучат- под слоганот „Воздухот во Скопје нема да се исчисти сам“.

ИЈЗ излезе со препорака до граѓаните, да проверат каков е квалитетот на воздухот пред да излезат надвор.

Лекарите алармираат дека големото количество на ПМ честички предизвикува сериозни болести кај населението. Дел од последиците се чувствуваат веднаш други пак на долг рок предизвикуваат заболувања на виталните органи.

Препораките се да не се проветрува кога е загадено, да не се престојува подолго надвор но и да се внесуваат повеќе витамини и антиоксиданси.

Министерството за животна средина информираше дека е надминат прагот на алармирање во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат и препорачаа трудниците и постари од 60г. да не одат на работа.

Локалната власт излезе со мерки и препораки. Најавија засилени контроли на дивите депонии, инсталациите и градилиштата. Меѓу препораките до јавните институции и населението е да се направат проверки на грејните тела, да се ограничи користење на службените возила, апел за користење на јавниот превоз, градежната механизација да избегнува движење во шпицните периоди во сообраќајот.