Македонија
31. December 2025 - 16:38

Екс директорот на затворот во Шутка осуден на осум месеци затвор

На осум месеци затвор е осуден поранешниот директор на затворот во Шутка, Филип Андов. Тој, според пресудата на кривичниот суд, огласен е за виновен бидејќи дозволувал пoгодности на затвореници кои не биле законски дозволени. Андов најави жалба, вели, обвинението не направило разлика меѓу погодности и молби за кои тој одлучувал. 

Заедно со Андов, на обвинетелна клупа седеа уште шестмина затворски службеници. За нив, судот одреди условни затворски казни во траење од три до осум месеци кои ќе станат ефективни ако во период од една година ги повторат кривичните дела злоупотреба на службената положба и несовесно работење.

Од обвинителството велат дека откако ќе ја добијат пресудата донесена од кривичниот суд ќе одлучат дали ќе поднесат жалба до повисокиот суд.

„По добивање на пресудата и проучувањето на наводите во неа, ОЈО ГОККК ќе донесе одлука дали истата ќе ја обжали“, велат од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. 

Поранешниот директор Андов и шестемина затворски полицајци од затворот во Шутка беа обвинети дека во периодот од март до јули во 2024 година, со умисла извршиле меѓусебно поврзани дејствија при вршење на службените овластувања, со што на петмина осуденици им овозможиле незаконски погодности.

Како што се наведува во обвинението, осудените биле спроведувани до своите домови и други локации за приватни потреби.