Мицкоски: Ако сакаме место на Шангајска листа, бројот на научни трудови мора да се зголеми десеткратно
Ако сакаме место на Шангајската листа, бројот на научни трудови мора да се зголеми десеткратно. Премиерот денеска им порача на професорите да пишуваат повеќе трудови за барем некој наш универзитет да се најде во најдобрите илјада. За да уживаме друштво со најдобрите во светот, еден универзитет годишно треба да објавува 1.200 научни трудови во списанија со импакт фактор. На УКИМ во просек се објавуваат од 300 до 500 трудови.
„Мораме меѓу осум и десетпати да го зголемиме бројот на научни трудови коишто, како држава, како универзитети, треба да ги објавуваме во научни списанија со фактор на влијание, а се дел од базата Томсон Ројтерс или позната како Web of Science. Мислам дека веќе со последните зголемувања, би рекол, прилично се достоинствени примањата на редовните професори, на вонредните, на доцентите и асистентите“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Впрочем, со серијата нови закони за високото образование, универзитетските професори ќе имаат обврска да пишуваат одреден број на трудови. Во спротивно, на секои пет години ќе треба да полагаат за лиценца за да ја задржат својата титула. Премиерот за 2026-та најави и поголеми инвестиции во науката.
„Ако започнавме со една состојба од 340 милиони денари во 2023, веќе во 2024 и 2025 се доближивме до ставката од 680 милиони денари, за да сега веќе за следната година имаме преку 770 милиони денари токму за ова. Дали е доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба. Но е многу повеќе, би рекол, од тоа што беше состојба која што ја затекнавме“, дополни премиерот.
Вложувањата во науката е меѓу врвните приоритети и во Националната стратегија за образование 2026-2032 година, која треба да биде патоказот на политиките по кои МОН ќе се движи во следните шест години. Министерката Јаневска стратегијата најави дека ќе ја потшише на почетокот на јануари.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
