Избега од Македонија 18 годишниот возач кој без возачка, вчера усмрти жена во Капиштец
Избега од Македонија возачот кој вчера кај ТЦ Беверли Хилс прегази жена која почина од повредите. Возачот со иницијали С.С има 18 години и нема возачка дозвола. Заедно со неговиот 45 годишен татко уште вчера ја напуштиле државата. Жената ја прегазил со пасатот на неговиот татко, но избегале од Македонија со друг автомобил мерцедес. Полицијата трагајќи по возилото, уапси две лица кои им помогнале да избегаат.
Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ .
Полицијата распиша меѓународна потерница по 18 годишниот возач и неговиот татко. И двете возила и пасатот и мерцедесот се пронајдени и се во полициска станица. Кривична пријава има за четири лица, а против возачот е за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Сообраќајката се случи на улицата Народен фронт, а на местото каде што беше прегазена 79 годишната жена нема обележан пешачки премин, но улицата е фрекфентна и постојано поминуваат и пешаци и возила.
Иако се воведе Сејф сити системот, кој треба да ги заштити учесниците во сообраќајот, од почетоков на годинава има повеќе случаи на прегазени пешаци низ Македонија од кои неколку завршија со смртни последици.
Од РСБСП апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат законите и совесно да возат, бидејќи во најголем број од случаите човековиот фактор е виновен за сообраќајките.
Последната пресуда за возачот кој го прегази Југослав Николовски на пешачка патека кај паркот на Франкофонијата и избега од местото, беше 11 години затвор.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
