ЦУК: Поплавени површини, оштетени патишта и евакуации поради обилните врнежи

Поради обилните врнежи од дожд и снег што ја зафатија земјава, на повеќе локации се регистрирани поплави, излевања на реки, оштетувања на патна инфраструктура и евакуација на население, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата до 9 часот утринава.
Како што стои во соопштението на ЦУК, во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка Река на локалниот пат кон селото Мренога, сообраќајот е затворен. ЈП „Комуналец“ интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито. Пријавено е излевање на реката кај селото Обедник и меѓу селата Обедник и Смилево, а за состојбата постапуваат Регионалниот центар за управување со кризи и Општина Демир Хисар.
Во Ресен поплавени се земјоделски површини, дворови, куќи и магацини. Нивото на Голема Река е зголемено, а јавните претпријатија и општинските служби интервенираат со пумпи и механизација за испумпување и расчистување. Територијалната противпожарна единица Ресен учествува во испумпување вода од подрумски простории.
Од ЦУК нагласуваат дека во Крушево водата за пиење е заматена и се препорачува нејзино превривање. Реката Црна има зголемено, но стабилно ниво. ЈП „Комуна“ работи на зајакнување на насипите, а се следи состојбата на Крушевска Река во координација со Општина Кривогаштани. На подрачјето во општина Долнени, во селото Лажани е пријавена штета во двор и приземни простории, додека во селото Пешталево има поплави поради неисчистени канали. Интервенирано е со градежна механизација.
Во Охрид, реката Сушица е излеана на повеќе локации, при што се поплавени дворови и подруми. Кризниот штаб и ЈП „Охридски Комуналец“ интервенираат со механизација, насипување и проширување на коритото. Кај селото Вапила, реката Далјан го оштетува патот под мостот, каде се вршат заштитни мерки со механизација. Евидентирано е и свлечиште на патниот потег Лескоец – Скребатно.
Во Струга поплавени се дворови и куќи на Мислешевски пат, како и во селата Мислешево и Калишта. Територијалната противпожарна единица Струга интервенира со пумпи, а е ангажирана и градежна механизација. Општина Струга е известена за состојбата.
Во Дебар, реката Радика има зголемено, но стабилно ниво. Патните правци се проодни, а надлежните служби расчистуваат помали одрони.
Во Кичево, пак, реките Зајашка и Треска имаат зголемени водостои, но се под нивото на излевање. Како критична точка е посочена улицата „Прилепска“. Се расчистуваат каналите и коритото на Зајашка Река со градежна и тешка механизација. Околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде се згрижени од Општината и Црвениот крст на Кичево.
На патниот правец Тумчевиште – Чегране, во реонот на Гостивар и Тетово, има вода на коловозот и патот е оценет како небезбеден. Известени се полициските станици во Гостивар и Чегране, како и Општина Гостивар.
ЦУК информира дека во останатите региони состојбата е стабилна, со зголемени водостои, но без излевања и поголеми нарушувања.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Победата на Јакуповски за градоначалник на Маврово и Ростуше, јасен политички суд на граѓаните
-

МВР: Повторените локални избори без нарушувања на јавниот ред и мир
-

Искршена стаклена врата на Бугарската амбасада во Скопје
-

ВМРО-ДПМНЕ ја потврди победата на Онер Јакупоски во Маврово и Ростуше
-

Лимани од НАИ победи во Гостивар
-

ДИК: Одѕивот на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот изнесува 28,07 проценти
-

Податоци на 17 милиони корисници на Инстаграм завршија на „дарк веб“
-

Зеленски ја обвинува Русија за целен терор врз украинското население
