Судиите не се согласуваат нивните плати да останат замрзнати
Судиите не сакаат нивните плати да останат замрзнати. Собраниската одлука за намалување на коефициентите со која во пракса не се дозволува пораст на судиските плати, еснафското здружение ќе ја оспорува пред Уставниот суд. Во писмено соопштение, Здружението на судии, тврди дека, намалувањето на коефициентот е незаконска измена на Законот за плати на судиите која се повторувала трета година по ред, а го нарушувала и достоинството на судиската функција. Ги повикаа пратениците да прекинат со менување на закони чија цел е како што велат од Здружението, купување социјален и политички мир.
„Наместо да се водат само од потребата за зголемување на политичкиот рејтинг, потребно е пратениците да ја согледаат реалната потреба од независно и непристрасно судство, кое ќе биде гарант за Владеење на правото“, наведуваат од Здружението на судии.
Според здружението, платите на судиите и сега биле подпросечни во споредба со колегите од регионот. Објаснуваат дека со зголемувањето од 78 отсто кое го нарекуваат, „фамозно“, нивните лични примања пораснале за 36 илјади денари, со што платата на судија во основен суд од 50 илјади скокнала на 86 илјади денари. Според судиите, можен е и протест ако нивните плати останат замрзнати.
„Ако ваквите неуставни измени на Законот опстојат, и доколку судската администрација се остави на маргините и се продолжи да се деградира, Судиите ќе изнајдат друга форма на покажување на незадоволството и видлив протест, а ја поддржуваме и судската администрација за изразување на незадоволството“, велат од Здружението на судии.
Претходно, негодуваше и Здружението на јавни обвинители, од каде рекоа дека нивните плати не може да бидат намалувани со закон. Уставниот суд досега има добиено повеќе иницијативи за преиспитување на одлуките за намалување на коефициентите за пресметка на плата. И самиот Уставен суд побара од собранието да се откаже од замрзнување на платите за уставните судии.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
