Македонија
31. October 2026 - 17:22

Три случаи на морбили во Македонија - опасност од ширење на локално ниво

По епидемиите на морбили во Косово и Бугарија, случаи на мали сипаници регистрирани и во Македонија. Според информации на Сител, засега станува збор за тројца заразени од кои еден возрасен и две мали деца, меѓутоа не добивме официјална информација од надлежните институции дали има поврзаност и од кои општини се заболените.

Она што е доставено како податок до јавноста се вчерашните соопштенија на Институтот за јавно здравје.

-Во Македонија се регистрирани лабораториски потврдени случаи на мали сипаници. Исто така, во соседните земји (Косово и Бугарија), во тек се епидемии на мали сипаници. Во овој момент, достапните информации укажуваат на зголемен ризик од појава на дополнителни случаи и можност за локално ширење на мали сипаници во Македонија. Сепак, врз основа на досегашните податоци, сè уште не може да се заклучи дека постои пошироко епидемиско ширење на национално ниво, пишува ИЈЗ. Веднаш по ова известување објавија уште едно со апел до сите родители чии деца не ја примиле МРП вакцината, да ги посетат вакциналните пунктови и да ги надоместат пропуштените дози.

Опфатот со имунизација против мали сипаници  е алармантен и веќе е познат податокот дека е паднат на дури 62 проценти вакцинирани со прва доза за 2025 што е многу далеку од процентот за колективен имунитет кој треба да биде над 95 проценти.

Загрижувачки е што има скопски општини каде секое трето дете нема примено вакцина против морбили а во ситуација кога веќе има потврдени случаи ризикот од ширење е многу голем и е на праг на епидемија.

-Најголем ризик имаат невакцинираните деца, особено оние што не примиле ниту една доза од вакциата. Посебно да нагласиме најранлива категорија се доенчињата кои се уште не ја достигнале онаа возраст за редовна вакцинација како и децата со ослабен имун систем. Да бидеме внимателни затоа што морбилите можат да предизвикаат сериозни компликации па дури и фатален исход. Јас би сакала како педијатар да апелирам до родителите да ги проверат вакциналните каертони на своите деца и доколку имаат пропуштена доза веднаш да се обратат до вакциналните пунктови, изјави др Каролина Ристова Стефановска, раководител на оддел за превентива во Здравствен дом Скопје.  

Регистрирани случаи има, опфатот е сериозно намален а само пред седум години во Македонија имаше епидемија на морбили со над 2000 заразени и четири смртни случаи.