По 19 пат „Фестивал на костенот“ во М. Брод
По 19 пат во Македонски Брод се одржа манифестацијата „Фестивал на костенот“, кој што траеше два дена. Настанот започна синоќа со забава со DJ и еден од најпознатите македонсми бендови Суперхикс.
Денеска настанот продолжи во Домот за култура со изложбата „Златен Костен“, на рачни изработки од костен од страна на учениците од овој град. Потоа пет културно уметнички друштва од неколку градови продефилираа од Домот до центарот на градот каде изведоа традиционални македонски ора и песни.
Посетителите кои денеска дојдоа во М. Брод од сите околни градови и населени места имаа можност да вкусат и да си купат едни од најубавите костени во Македонија.
„Оваа година е добра, во нашето село Дреново имаше костен, добра е. Одиме на пазарите, низ полето, нешто од дома трговци идат“, вели еден производител на костени.
„Годинава костенот оди од 100 до 200 денари, 100 денари поситниот, 150 денари среден, 200 денари крупен костен. Го пласираме во соседните градови, Прилеп, Кичево, Тетово, Скопје, а се случува некоја година да има и извоз. Ретко се случува некоја година да остане“, додаде друг производител.
„Најбаран е бидејќи се разликува по квалитетот, нема црви, покрупен е од другите“, се надоврза трет производител.
Брод засега нема погон за преработка на костенот, поради тежината на собирањето на костените, огромен дел останува несобран по планините иако многу се бара.
„Собирањето на костени не е баш лесна работа, треба да се качуваш на планини. Да се носи а рамо, добиток нема, скоро никој не чува, многу ретко е, автомобил само до некаде може да иде. Пари има, ама е тешка работата, вели друг производител на овој плод.
„Останува по планините бааги несобран костен затоа што не стасуваме. Никогаш не се собрал целосно“, вели еден учесник на настанот.
Се продаваше и најбараниот кај нас чист еколошки костенов мед, поречка ракија и други традиционални специјалитети од овој крај.
„Костеновиот мед се смета за поквалитетен затоа што има повеќе минерали и се користи доста во нашево поднебје, затоа што има многу минерали. Цената е 700 денари на ова поднебје“, потенцира еден производител на мед од костен.
Во Поречието годишно се собираат околу 300 тони на костен, со поорганизирано негово собирање, обезбедување на пристани патишта до парцелите, како и отворање на погони за негова преработка тоа би можело неколку кратко да се зголеми, со што ќе има уште поголем импакт врз поречката економија.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
