Loading Video...
Македонија
31. October 2026 - 17:24

Македонската Народна банка ги следи ризиците откако српската „АЛТА банка“ остана без дозвола за работа

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ од Белград поради значително влошување на финансиската состојба. Банката оди во стечај, а одлуката предизвика вознемиреност и во Македонија, бидејќи белградската „Алта банка“ лани ја презеде поранешната „Стопанска банка Битола“.

Од „АЛТА банка Битола“ соопштија дека нема причина за загриженост и дека банката работи редовно, експозитурите и банкоматите функционираат, а клиентите можат непречено да располагаат со своите пари.

„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола. Дополнително, нагласуваме дека околностите во Република Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија. АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија. Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи. Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка“, информираа од банката.

И од Македонската Народна банка апелираат до јавноста „да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации“.

„Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации. Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во којашто се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци“, соопштија од Народна банка.

Сепак, на социјалните мрежи беа објавени видеа на кои се гледа дека граѓани во Битола чекаат во редица за да ги повлечат своите пари. Слични снимки доаѓаат и од Србија. За тамошните клиенти е најавена исплата на осигурените депозити, кои се заштитени до 50.000 евра по депонент.

„Она што може да се прочита од соопштението на Народната банка е дека се оди кон стечај на Алта банка, што, за жал, сугерира дека можеби за неа нема спас. Секако, стечајот не мора секогаш да значи и крај, но со оглед на тоа што во соопштението се наведува дека веднаш ќе започне исплатата на осигурените депозити на граѓаните и компаниите, тоа за мене е сигнал дека банката, според сè што засега може да се види, нема да опстане. Банката, секако, секогаш има можност да покрене управен спор против ваквото решение. Но, повторувам, фактот што веднаш се пристапува кон исплата на осигурените депозити е еден вид сигнал за тоа каква би можела да биде иднината на Алта банка“, вели Иван Радак од Форбс Србија.

Одземањето на дозволата следува по неколкудневни јавни обвинувања за наводно префрлање големи суми пари од Србија кон Македонија по поразот на Вучиќ на парламентарните избори во Србија.