Утре Брвеница бира нов градоначалник
Утре Брвеница ќе бира нов градоначалник. Избирачките места отвораат во 7 наутро, а жителите во вториот круг од предвремените избори за градоначалник ќе бираат меѓу двајца кандидати, кој ќе раководи со општината во наредните четири години.
Денеска гласаат болните и немоќни лица и оние кои издржуваат казна затвор.
-Вкупно 107 болни или немоќни лица можат да гласаат за градоначалник на Брвеница. Своето право на глас може да го остварат и вкупно 9 лица кои се на издржување казна затвор. Гласањето на овие лица се спроведува во 3 казнено поправни установи на територија на Северна Македонија, и тоа во градовите Скопје, Штип и Тетово, соопштија од Државната изборна Комисија.
Вториот круг од утрешните избори ќе го набљудуваат 61 набљудувач, од кои 56 се домашни и пет меѓународни.
Од канцеларијата на Народниот правобранител соопштија дека утре во период од 7 до 19 часот ќе биде отворена подрачната канцеларија во Тетово, за граѓаните да можат да пријават било каква повреда на избирачкото право.
-Покрај лично во канцеларија, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и на телефонскиот број 044 344-082, Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, соопштија од канцеларијата на омбудсманот.
Во првиот круг на изборите во Брвеница кој се одржа на 18 октомври имаше шест кандидати за градоначалничкото место. Право на глас имаа 16.256 граѓани, а гласаа 7.565. Излезноста изнесуваше нешто над 46%.
Бидејќи ниту еден од кандидатите не го освои потребното мнозинство, утре во вториот круг ќе се гласа меѓу двајца кандидати, кои што освоија најголем дел од гласовите на граѓаните во општината.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
