Македонија
12. January 2026 - 16:36

Истрошени се сите средства од Народен правобранител, должиме 70 илјади евра за кирија, вели Руфати

Вработените во Народниот правобранител ќе добијат плати. Овластениот заменик-омбудсман Илбер Руфати добил зелено светло од Финансии. Неговиот потпис ќе важи и натаму. Но, тоа не значи крај за нивните проблеми.

-Институцијата Народен правобранител веќе должи илјадници евра. Киријата не им е платена со месеци, а немаат пари ниту да си ги платат сметките за струја и вода.

Најголем е трошокот за кирија, вели Руфати.

-Негде од 60 до 70 илјади евра до овој момент само за кирија. Немаме пари ниту за регистрација на колите, немаме пари за менување за други технички работи. Во овој момент се истрошени сите средства од Народен правобранител – изјави тој за Сител.

Причина за ваквата состојба, според Руфати, е скратениот буџет на институцијата за 30%, односно 45 милиони денари.

-Навистина тие средства ни се потребни. Тие се елементарни средства што не треба да се скратуваат од Министерството за финансии, меѓутоа тие не ни одговараат. Во неколку наврати и писмено и усно е побарано од наша страна да имаме состанок со цел да видиме каде е проблемот, затоа што тие средства нас ни се закон определени. Јас не можам вработените мои да ги носам по затвори и други институции што треба по закон, а од друга страна кочница да биде министерството – тврди Руфати.

Проблемот се појави откако претходниот народен правобранител се пензионираше, а за да се избере нов потребно е бадентерово мнозинство во Собранието. Владејачкото мнозинство има доволно гласови за да биде поддржан Фатон Сељами, но нема доволен број по бадентер бидејќи недостасуваат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Од партијата денеска без конкретен одговор дали ќе го поддржат.

-Претседателот ќе одлучи сам. Тоа зависи од претседателот – рече Бесник Рамети од ДУИ.

Институцијата Народен правобранител е формирана во 1997 година за да ги штити човековите права.