Неизвесно е воведувањето на системот „Safe city“ од 1 февруари
Неизвесно е дали Сејф сити системот ќе профункционира од први февруари. За измените на законот за прекршоци е потребно 2/3 мнозинство во парламентот а доколку не се обезбеди нема да се воведе системот. Ова за Сител го потврди и министерот за внатрешни работи, без да појасни дали имаат алтернативно решение.
Владејачкото мнозинство засега ја нема поддршката од пратеничката група на ДУИ. Координаторката Рина Хајдари за сител вели измените на законот според нив имаат низа недоследности поради кои нема гласаат. Поднеле и амандмани со кои ќе го оспорат носењето се додека не се усогласи текстот онака како што тие сугерираат.
Интегративците претходно обвинија дека власта го партизира системот ’Safe City‘ со цел воспоставување полициска контрола врз албанското население и следење на политичките опоненти, наместо грижа за безбедноста на патиштата.
Пратеничката група на СДСМ се уште нема одлучено дали ќе гласаат за носење на предложените законски измени, велат се уште градат став за тоа како ќе настапат во парламентот. Претходно лидерот на СДСМ рече дека го поддржуваат системот од аспект на безбедност но се против неконтролираниот масовен надзор.
Филипче реагираше дека Сејф сити е без законска регулатива и ризичен за приватноста и токму затоа рече дека е неопходна техничка влада за да се спречи злоупотреба на надзорот за политички цели.
Дека се уште нема договор меѓу пратеничките групи потврди и спикерот Гаши на денешниот брифинг со новинари.
-Ако се постигне договор, законските измени веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница за да се изгласаат. Досега на координациите на пратеничките групи немаше забелешки во врска со текстот на измените. Тоа што овој закон не е поддржан е прашање на договор меѓу пратеничките групи – рече Гаши.
Сејф сити првично требаше да се воведе од први јануари откако претходно камерите беа вклучени да ги регистрираат прекршоците но министерот ја одложи примената со цел да им се даде повеќе време на возачите но и на одговорните за да се отстранат сите недостатоци на системот.
Со новиот закон освен што камерите автоматски ќе детектираат сообраќајни прекршоци, се зголемуваат казните и начинот на известување да биде преку смс порака или по електронска пошта. Се уредува кога одговара сопственикот на возилото, а кога друго лице кое го управувало возилото во моментот на прекршокот.
Се пропишува и рокот во кој треба да се плати налогот во спротивно ќе има присилна наплата. Казните се трикратно повисоки за потешките сообраќајни прекршоци од актуелните. Доколку возачот е под дејство на алкохол, дрога или психотропни супстанци или управувал без возачка, ќе му биде одземено возилото,ќе се донира на јавните институции а возачката ќе биде поништена.
Доколку возачот има повеќе од три забрани за управување на возилото трајно ќе му се поништи возачката дозвола. Негативните поени ќе може да се изрекуваат заедно со глобата, а не само како нејзина замена. Новина е граѓаните сами да може да поведат постапка пред суд доколку не се согласуваат со прекршочниот налог.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
