Македонија
15. January 2026 - 16:28

По лидерската средба се договара законот за прекршоци

Законот за прекршоци ќе биде првиот производ на позитивната атмосфера на вчерашната лидерска средба.

Дел од координаторите на пратеничките групи претпладнево имале неформална средба на која се договориле, утре, овој закон важен за сејф сити проектот да го добие потребното двотретинско мнозинство.

Собранискиот спикер потврди дека почнала меѓупартиската комуникација и дека очекува наскоро на пленарна седница да ги види сите решенија кои беа заглавени.

Многу скоро очекува и договор за нов народен правобранител.

Партиските лидери на вчерашната средба заклучија и дека треба да се укине пржинската влада. Оставија простор, доколку СДСМ се согласи со тоа, да се укине веднаш, ако не, тогаш наредните избори да бидат последни кои ќе ги организира техничка влада. 

СДСМ кои вчера ја бојкотираа лидерската средба, утрово не ни добиле покана за неформалната координација.  Во моментов остануваат единствената партија која е надвор од разговорите меѓу пратеничките групи, а со бројот на пратеници во Собранието немаат некој капацитет да му наштетат на процесот. 

Лидерската средба која вчера ја свика премиерот Мицкоски беше оценета како конструктивна од сите учесници.

Покрај законот за прекршоци, се очекува договор и за избор на народен правобранител, измени во изборниот законик како и останатите закони од правосудството кои се дел од реформската агенда а за чие донесување треба двотретинско или пак бадентерово мнозинство.