Македонија
15. January 2026 - 16:29

Кој е засегнат од одлуката на САД за пауза на постапките за издавање иселенички визи?

Ако сте студент кој сака да учи во Соединетите Американски Држави, планирате туристичка посета или имате закажано бизнис состанок – слободно може да аплицирате за виза.

Последната одлука на Стејт департментот за пауза на постапките за издавање иселенички визи нема да влијае на овие категории патувања. Промената се однесува само на луѓе кои сакаат трајно да се преселат во САД.

Министерот за надворешни Муцунски вели дека не се работи за никаква црна листа или прекин. Земјава е во активна комуникација со американските институции, а решението е прашање на време. 

- Ние сме во комуникација и со Амбасадата на САД во Скопје, нашата амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент. Сакам да истакнам дека согласно нашите информации од конзуларна природа, најмал број апликации што ги има од наши државјани се за тој тип на визи и, генерално, се работи за граѓани од повозрасна категорија – истакна тој.

Муцунски оцени дека Македонија има одлични односи со Соединетите Држави и дека во наредниот период се можни и позитивни изненадувања.

- Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме - рече министерот.

Зошто Македонија се најде на листата заедно со уште 74 земји за замрзнување на имигрантските визи, шефот на македонската дипломатија вели дека е дискутирано, но е некоректно тој да ги кажува аргументите што доаѓаат од другата страна. 

Од СДСМ ја обвинија власта дека тера анти-ЕУ и анти-американска политика и ја води Македонија кон целосна изолација.

- САД носат специјален Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата и ова се само први чекори што ги гледаме. Следуваат и црни листи, се најавуваат и можни санкции. СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа агенда, бидејќи наши стратешки пријатели се САД а местото на Македонија е во НАТО и ЕУ – кажа Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Паузата ќе започне на 21 јануари и ќе трае неодредено време.

- Стејт департментот ќе ја користи својата долгогодишна надлежност да ги прогласи за неподобни потенцијалните имигранти кои би станале корисници на јавна помош во Соединетите Американски Држави и би ја искористувале великодушноста на американскиот народ - изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.

Претходно, Вашингтон соопшти дека се поништени повеќе од 100 илјади визи откако Трамп се врати во Бела куќа, што е рекорд за една година. Депортирани биле повеќе од 600 илјади луѓе, додека два и пол милиони сами ги напуштиле Соединетите држави.