Loading Video...
Свет
16. January 2026 - 12:31

Преглед на вестите од светот

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американските официјални претставници и високите претставници на Данска и Гренланд бил продуктивен и нагласи дека испраќањето европски трупи на Гренланд нема да влијае на ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, за таа територија. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит истакна дека страните се договориле да основаат работна група која ќе продолжи да води технички разговори за „аквизицијата на Гренланд“. Според Ливит, „тие разговори ќе се одржуваат на секои две до три недели“.

Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го заземаат островот, напомнувајќи дека очекуваат почитување на нивниот територијален интегритет. Островот беше данска колонија до 1953 година и остана дел од кралството, но во 2009 година доби автономија, што му овозможи самостојно да управува и да ја одредува сопствената внатрешна политика.

Руските сили уништија голем енергетски објект во Харков, а не прецизирано каков објект е погоден. Итните служби работат ден и ноќ на терен. Локалните власти сè уште се обидуваат да ја проценат големината на штетата од нападот. Прекините на струја, греење и вода во поголемите градови се влошија во изминатата недела, додека Украина се бори со студен бран кој ја преоптовари веќе ослабената енергетска мрежа. Во Киев околу 300 станбени згради се уште се без греење откако во напад на 9 јануари беше уништена инфраструктурата за половина од повеќекатниците во градот, а температурите се десет степени под нулата.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека меѓународната ситуација се влошува и оти светот станува сè поопасен. Тој сè уште јавно не се изјаснил за американската интервенција во Венецуела и соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, протестите во Иран или заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Гренланд. Во говорот пред новите амбасадори кои му предадоа акредитиви во Кремљ, што беше неговиот прв јавен говор за надворешнополитички прашања оваа година, Путин не ги спомна експлицитно Соединетите Американски Држави или Трамп.

По обилните снежни врнежи, во центарот на Москва повторно се формираше „Миусова снежна дина“ по плоштадот каде што се наоѓа. Комуналните служби намерно го затвораат патот и таму истураат снег од околните улици, како привремена локација. Оваа година купот достигнува висина од 5 метри. Пред оваа зима, на плоштадот Миускаја немаше снежна дина пет години - од 2021 година. Според рускиот Национален метеоролошки центар, Москва на 9 јануари ги забележа најсилните снежни врнежи во последните 56 години, рангирајќи се меѓу петте најсилни во 146-годишните временски записи на Москва.