Владата одобри 10 илјади работни дозволи за странски работници
Од градилиштата, преку фабричките хали до угостителските кујни – таму каде што недостигаат домашни раце, решението и годинава се странските работници. Владата одобри квота од 10 илјади работни дозволи за странци. 4.500 се за нови вработувања, а 5.250 за продолжување на дозволите за странци кои веќе се ангажирани во Македонија. Одлуката стапи во сила денеска.
Од Организацијата на работодавачи оценија дека квотата одговара на моменталните потреби.
- Има различни мислења за овие луѓе, некои викаат дека ни ја менуваат структурата на населението, различни култури итн, но од друга страна ние немаме други можности како да ги надокнадиме испразнетите работни места кои не се пополнети, а тоа е многу штетно за економијата. Од друга страна, имаме околу 90 илјади кои се водат како невработени во Агенцијата за вработување, но тие ниту се јавуваат на огласи за преквалификација, ниту сакаат да работат. Во идниот период ќе треба малку повеќе да се ангажираме сите, да видиме каде се тие луѓе, дали се корисници на социјална помош, зошто не сакаат да се вработат официјално, зошто ја стимулираат сивата економија - вели Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи.
СДСМ, пак, вели „се беше подготвено, сега само се реализира планот“.
- Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа. Ги скратија процедурите, го продолжија времетраењето на дозволите. Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Тоа што се подготвуваше, почна – пишува во соопштението на СДСM.
Лани Агенцијата за вработување издала над 8.500 позитивни мислења за работни дозволи, а МВР одобрило над 6 илјади дозволи за привремен престој на странски работници.
Системот на квоти за странски работници во Македонија е применуван постојано од 2016 година наваму. Првата годишна квота изнесуваше 3.250 работни дозволи за странци.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
