МВР ќе врши калибрација и тестирање на камерите на Сејф сити од утре до крајот на месецот
Од утре па се до крајот на месецот, возачите треба да бидат подготвени на привремени застои. МВР започнува тестирање и калибрација на камерите на Сејф сити, кои од 1.февруари и официјално ќе ги казнуваат оние кои ќе го прекршат законот.
„Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 8 часот до 20 часот. Во првата недела од предвидениот периот, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локацииите со поставени камери на подрачјето на град Скопје“, изјави за Сител Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Екипите ќе работат 12 часа во предвидениот период, освен утре, кога со работа ќе почнат во попладневните часови, за да се избегнат големите гужви во утринските часови.
Овие камери поставени на влезот во Скопје, во скопски Сарај се првата точка на која МВР утре ќе врши тестирање, калибрација и верификација пред официјално камерите да почнат да ги ловат возачите кои не ги почитуваат правилата. Додека екипите работат, улицата ќе биде целосно затворена за сообраќај.
Очекувањата на надлежните се задржувањата на возилата да траат од 10 до 15 минути. Најфреквентните крстосници во Скопје се планирани да бидат оставени за викендите, кога има значително помалку сообраќај, за да се избегнат големи гужви. Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат привремените ограничувања и каде што е можно да користат алтернативни правци за да избегнат гужви.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
