Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп ги критикуваше европските лидери за отпорот кон неговите обиди за анексија на Гренланд и ги повика да се справат со сопствената безбедност.
„Европа треба да се фокусира на војната меѓу Русија и Украина затоа што, искрено, гледате каде ги доведе тоа. На тоа треба да се фокусира Европа, а не на Гренланд“, изјави Трамп за Ен-Би-Си Њуз.
Тој нагласи дека не се откажува од својата намера да воведе дополнителни царини за државите што се спротивставуваат на неговата одлука за анексија на Гренланд. На прашањето дали би употребил сила за да го заземе Гренланд, Трамп кратко одговори: „Немам коментар“.
НАТО ќе продолжи да соработува со Данска и Гренланд за безбедноста на Арктикот, изјави генералниот секретар на воената алијанса, Марк Руте, по средбата со данскиот министер за одбрана и министерот за надворешни работи на Гренланд. „Ќе продолжиме да соработуваме како сојузници за тие важни прашања“, истакна генералниот секретар на НАТО
Европската унија нема да попушти пред царинските закани на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Таа додаде дека Унијата нема интерес да влезе во конфликт со САД, но дека има голем број инструменти за заштита на своите интереси, особено кога станува збор за Гренланд, и нагласи дека „суверенитетот не е на продажба“.
Најголемите снежни врнежи во последните 60 години на Камчатка создадоа огромни наноси високи неколку метри кои ги блокираа влезовите на зградите и ги затрупаа автомобилите. Во некои области, повеќе од 2 метри снег паднале во првата половина на јануари по 3,7 метри во декември, според станиците за мерење на времето. Автомобилите речиси целосно се затрупани во снег и мештаните беа принудени да копаат патеки до влезовите на станбените згради.
Обилните снежни врнежи и силните ветрови доведоа до откажување на десетици летови и прекин на железничкиот сообраќај по северозападниот брег на Јапонија во текот на деншениот ден. Откажани се околу 100 летови со околу 6.000 патници.
Источната железничка компанија ги прекина железничките услуги.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека се очекуваат обилни снежни врнежи помеѓу среда и недела во областите по должината на Јапонското Море и со совети да не се патува без потреба.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
