Судскиот совет му го одзема имунитетот на судијата Ристов, Обинителството бара куќен притвор
Судскиот совет едногласно му го одзема имунитетот на апелациониот судија Ѓоко Ристов. На итната седница присутните членови одлучија и да му се одобри мерката куќен притвор по барање на судија на претходна постапка и Обвинителство и до завршување на кривичната постапка да не врши судиска функција.
По неколку часа во Обвинителството за гонење организиран криминал каде што беше сослушан од обвинител и му беа приложени доказите за кои Обвинителството смета дека ги сторил кривичните дела противзаконско стекнување и прикривање имот, како и перење пари, тој заедно со неговата сопруга и адвокатот пешки се упатија кон Кривичниот суд.
За него се бара куќен притвор и одземање на пасош.
Откако полицијата при претрес во куќата на неговите родители пронајде 350.000 евра созидани во ѕид, денеска му поднесоа и кривична пријава. Парите ги нашле откако по наредба од судот да извршат претрес, во кујната на неговите родители полицијата забележала сомнителна корекција на ѕидните плочки, па откако отстраниле една плочка, пронашле дупка во која имало алуминиумски ролни каде имало над 600 банкноти од по 500 евра и над 200 банкноти по 200 евра.
-Ѓ.Р., во својство на службено лице - судија во Апелациониот суд Скопје, во временскиот период од 10.02.2020 до денес, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена дал лажни податоци за својот имот и имот на неговото семејство, кој имот во големи размери ги надминува неговите законски приходи, стои во кривичната пријава.
Претресот кај судијата Ристов е дел од пошироката истрага која се води за него уште од декември, откако адвокатот Фехми Стафа беше фатен со обележани пари кои според Обвинителството биле наменети за поткуп на апелационен судија да го укине притворот за неговиот клиент.
Ристов е во Апелација од 2020 година. Во неговата судиска кариера учествувал во повеќе крупни предмети, како таргет-тврдина за незаконското масовно прислишкување, учествувал и во одлучувањето за укинувањето на притвотот на Сашо Мијалков во предметот Трезор како и за укинување на притворот на Драги Рашковски.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
