Штетата од шумските пожари во 2025-та проценета на околу 50 милиони евра
Околу 200 шумски пожари и штета проценета на близу 50 милиони евра е билансот од пожарите минатата година. Иако материјалната штета е речиси преполовена во споредба со 2024 година, од Македонски шуми оценуваат дека последиците и понатаму се сериозни и долгорочни.
Во 2024 година, која се смета за една од најтешките, пожарите зафатија над 630.000 кубни метри дрвна маса, а штетата беше проценета на околу 83 милиони евра. Намалувањето на штетите лани според надлежните се должи на подобрата подготвеност, побрзите интервенции и поволните временски услови.
Лани најголем дел од пожарите започнале како пожари на отворено , на земјоделски површини и пасишта по што се прошириле кон шумските подрачја. Освен штетата врз шумскиот фонд, значајни последици се евидентирани и врз екосистемот и биодиверзитетот.
Од „Македонски шуми“ посочуваат дека, и покрај намалувањето на материјалната штета, превенцијата останува клучен предизвик, имајќи предвид дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор. Во таа насока се и плановите за обнова, поради што производството на садници е значително зголемено и изнесува над 2,5 милиони садници, веќе подготвени за пошумување.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
