Македонија
21. January 2026 - 16:33

Мицкоски од Давос: Инвестиција од 100 милиони евра во развој на трет мобилен оператор

Вториот ден од форумот во Давос, премиерот Мицкоски го стартуваше со средба со сопствениот на „Фор ај џи“. Компанијата која доби лиценца за трет мобилен оператор во Македонија, во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на овој сектор.

„Што добиваат граѓаните. Граѓаните добиваат нова компанија која ќе нуди мобилни услуги и која уверен сум дека ќе влијае позитивно врз намалуввање на цените кои ги нудат мобилните оператори. Денот го продолживме на панел на којшто разговаравме со светските лидери и претставници на мултинационални компании за предизвиците на човештвото во годините коишто следат, потенцирајќи ја вештачката интелигенција. За нејзиното користење потребни се неколку предусливи, пред се сигурна енергетска стабилност и второ ИТ инженери. Ние како држава не смееме да останеме надвор од овие процеси, бидејќи тоа се процесите коишто ќе имаат водечка улога во следните години“, вели Мицкоски.

Фокусот на форумот пак денеска е насочен кон американскиот претседат кој во Давос пристигна со три часа задоцнување поради технички проблеми со авионот.  

Сепак многу европски лидери воопшто не го дочекаа. Макрон си замина, а германскиот канцелар Мерц и шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен ги откажаа средбите со Трамп. Единствен кој потврди средба е генералниот секретар на НАТО. Руте и во рамки на утринскиот панел призна дека постојат тензии во Алијансата, но рече дека е уверен дека прашањето за Гренланд ќе се реши пријателски.

„И кога станува збор за Арктикот, мислам дека претседателот Трамп е во право. Другите лидери во НАТО се во право. Треба да го браниме Арктикот. Знаеме дека се отвораат морските патишта. Знаеме дека Кина и Русија се сè поактивни на Арктикот. Има осум земји што се граничат со Арктикот. Седум се членки на НАТО. Тоа се Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Исланд, Канада и САД. И има само една земја што се граничи со Арктикот надвор од НАТО, а тоа е Русија. И би рекол дека има деветта земја, а тоа е Кина, која е сè поактивна во арктичкиот регион. Значи, претседателот Трамп и другите лидери се во право, мора да направиме повеќе таму, мора да го заштитиме Арктикот.“ рече Руте.

Илјадници граѓани пак вчеравечер во Цирих излегоа на протест против пристигнувањето на американскиот претседател, со пораки Трамп не е добредојден. Протестите ескалираа откако беше запалено американското знаме, по што дојде и до судир помеѓу семонстрантите и полицијата.