Протест пред Усје, граѓаните бараат итна дислокација
Со жолт картон во рацете, стотици граѓани на денешниот протест пред цементарница Усје предупредија дека доколку не се дислоцира фабриката, не се постави 24 часовен мониторинг и нема институционална реакција, ќе ги радикализираат блокадите.
Ги блокираат улиците, бидејќи долги години како што велат им е блокиран воздухот. Не им веруваат на мерните станици кои ги има фабриката Усје бидејќи ниту еден загадувач нема самиот за себе да каже дека загадува. Барањата ги испратиле во над десет институции и бараат брза реакција.
Од фабриката Усје пак тврдат дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо. Како пример наведуваат дека изминатиов период не им работеле двете печки, а сепак воздухот бил загаден и тоа укажува дека тие не се загадувач.
-И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, во петокот на 16.01. највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) - 250, во неделата (18.01,2026) – 143, во понеделникот (19.01,2026) – 190 и вчера, во вторник (20.01.2026) – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година.
Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите, велат од фабриката.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
