Македонија
23. January 2026 - 16:31

Вработените во Пошта протестираа за плати, додека објектот во кој работат пропаѓа од сите страни

Во Пошта веќе одамна најчестото прашање не е „има ли пратка“, туку „има ли плата“. Вработените утрово излегоа на протест, затоа што и овој месец заработеното не стигна на време. Синдикатите велат дека 60% од работниците се на минималец и ни тој не е редовен.

-Овој денешен протест е знак на револт на вработените бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати. Ова ни се случува веќе неколку месеци, ова е трет или четврт месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното – изјави Сашо Димитриески, претседател на синдикалната организација на Пошта.

-Луѓето повеќе од 45 дена се без апсолутни никакви приходи. Две илјади семејства во месец јануари се оставени без приходи, ги пречекаа сите празници беа приходи – рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Генералниот директор на Пошта признава дека платата доцни, но уверува дека денеска ќе биде исплатена. Кажа дека проблемот се повторува поради финансиски потешкотии предизвикани од наследениот долг.

-Благодарение на ангажманот на Владата и Управниот одбор платите за месец декември се обезбедени веќе. Точно е дека оваа состојба се повторува неколку пати во годината. Јас лично, покрај тоа што ја споделувам болката на работниците, активно работам на подобрување на условите за нив – истакна Куртиши.

Нередовната плата не е единствениот проблем на вработените во Пошта. Објектот во кој работат наликува на простор наменет за снимање хорор филм. Таванот прокиснува, па жолтите дамки по ѕидовите сведчат дека секој дожд се собира во кофи. Светлото е слабо, греење речиси и да нема, но затоа на секое ќоше има искршени маси и столици.

Куртиши вели за ваквата состојба виновно е претходното раководство кое не инвестирало ниту денар. Планови за подобрување на условите има, но за реализација ќе биде потребна поддршка од Владата.

Опозицијата критикува.

-Додека работниците немаат за леб се делат милионски тендери во Пошта. СДСМ веќе го објави скандалот, како фирма на советникот од ЗНАМ, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер од Пошта во вредност од 1,2 милиони евра за чистење. Корупцијата и криминалот на ВМРО-ЗНАМ ја загрозува егзистензијата на работниците. Не може да нема пари за плати на работниците – велат од СДСМ.

Пари за редовни плати немаше ниту во времето на СДСМ. И во нивниот мандат вработените протестираа неколку пати и обвинуваа дека се распишуваат огласи за административци од кои нема потреба, а недостасуваат поштари, шалтерски работници и оператива.

Проблемите во Пошта ги покажа и извештајот на Државна ревизија, според кој, работата тргнала надолу во 2017-та и оттогаш постојано има загуби.