Македонија
24. January 2026 - 16:35

Последни проверки за „Безбеден град“

На скопската обиколница се правеа последните проверки на камерите во главниот град. Со оглед дека казните ќе варираат според тоа колку ќе се надмине брзината на движење над дозволената граница, за време на тестирањето експертите вршеа двојна верификација. 

Резултатите се прецизни, а тоа го покажаа мерењата и одвнатре и однадвор на возилото. Сител влезе во тест автомобилот со кој се правеше калибрација на системот. 

На секоја точка на проверка се затвораше сообраќајот за тестирањето. Камерите освен за брзината, се проверуваа и дали вадат јасна слика на регистарските таблички, дали возилото се вчитува во реално време на минување, локацијата и видот на прекршок. 

Од први февруари за секој сторен прекршок веднаш ќе стигнуваат прекршочни налози преку смс пораки и на електронска пошта. Граѓаните очекуваат поголема безбедност во сообраќајот а откако се вкчулени камерите велат веќе се гледа разлика.

Ниту една казна нема да се простува од следниот месец. Камерите ќе регистрираат брзо возење, минување на црвено, истечена регистрација, непрописно запирање и паркирање. Најниската казна изнесува околу 1.200 денари, но за невнимателните возачи кои минуваат на црвено или возат со голема брзина, санкциите достигнуваат и до 400 евра. Дополнително, со три забрани во рок од четири години, возачката дозвола се губи трајно, со право на повторно полагање дури по една година.