Македонија
25. January 2026 - 16:33

Тошковски: Паралелно со „Сејф Сити“, ќе има и полициски возила со мобилни камери на „црните точки“ на патиштата

Црн биланс на македонските патишта во изминатите 24 часа. Едно лице го загуби животот а две се тешко повредени во три одделни сообраќајни несреќи во Скопје, Кочани и на патот кон Дебар. Најтрагичната несреќа се случи рано утринава крстосницата во Автокоманда каде 45-годишен возач им подлегна на повредите откако со своето возило излетал од коловозот. Оваа серија инциденти доаѓа во период кога надлежните ги прават последните подготовки и тестирања на системот Сејф Сити. Камерите ќе регистрираат 4 видови на прекршок кои се едни од најчестите причини поради кои доаѓа до катастрофални сообраќајни несреќи. Министерот најави дека паралелно со системот ќе бидат активирани и полициски возила со мобилни камери на т.н црни точки. 

Финалното тестирање на камерите денеска се правеше во Куманово и Тетово. Минимални отстапувања покажуваат проверките на камерите кои ја мерат брзината на движење. Во петокот собранието ги изгласа измените на законот за прекршоци  кои овозможија сејф сити да профункционира од 1 февруари. Поддршка не дадоа пратениците од  СДСМ и ДУИ. Владејачката партија ги обвини дека овие партии здружено настапуваат против безбедноста на граѓаните. 

Брзото возење,минување црвено, нерегистрирани возила и непрописно запирање и паркирање ќе бидат прекршоците кои ќе се регистрираат на камерите на сејф сити. По сторен прекршок веднаш ќе пристигне електронски прекршочен налог од МВР. Најниската казна изнесува околу 1.200 денари, но за невнимателните возачи кои минуваат на црвено или возат со голема брзина, санкциите достигнуваат и до 400 евра.