Македонија
29. January 2026 - 17:26

Камионџиите ја прекинуваат блокадата на границите, иако ЕУ не понуди брзо решение

Камионџиите ги прекинуваат протестите на границите. По четиридневна блокада, товарните премини за влез и излез од вечерва се ослободуваат. Повод за прекинот е новата визна стратегија што денеска ја усвои Европската комисија. Во документот првпат се признава проблемот кај професионални работници кои често патуваат меѓу земјите членки на Шенген, но брзо решение нема, туку допрва ќе се разгледуваат можности. Изрично се наведени возачите на камиони, но и уметници на турнеи, спортисти и експерти што работат на проекти преку граница.

Во документот пишува дека постојниот систем е дополнително искомплициран со билатерални договори што одредени земји ги склучиле пред да стапат во сила шенгенските правила, а кои овозможуваат подолг престој само на нивна територија. Тоа значи дека правилата не се исти низ цела Шенген зона и се губи идејата за еден единствен систем.

- Комисијата ќе работи тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за овозможување продолжени краткорочни престои за избрани категории на државјани од трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците -  стои во документот. 

Коментирајќи ја новата стратегија, министерот за транспорт Николоски објави: „Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!“

Протестот го прекинуваат и транспортерите во Црна Гора, а се уште е неизвесно дали ќе се повлечат и превозниците во Србија и Босна и Херцеговина. Блокадите почнаа истовремено во понеделникот поради новиот електронски систем за влез и излез од Европската Унија. Возачите се пожалија дека актуелните правила за престој од максимум 90 дена во период од 180 дена за нив не се применливи.