Садула Изаири од тетовскиот суд освои најмногу гласови за член на Судски совет
Судијата Садула Изаири од тетовскиот суд освои најмногу гласови на денешните непосредни избори за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои се над 20 отсто во државата. За Изаири гласале 179 судии од вкупно 390 кои денеска го искористиле правото на глас.
„Вкупно гласачи кои се запишани во Изборниот именик се 418 од кои вкупно гласале 390 гласачи, односно 93% од гласачите. Неважечки гласачки ливчиња вкупно има 12“, изјави Осман Шабани, Претседател на Комисија за спроведување на избори.
Во трка за местото во Судски совет, беа уште петмина кандидати. Поддршка од колегите бараа судии од Врховниот, кривичниот, граѓанскиот, апелацискиот Гостивар и претседателот на тетовскиот суд. Од Комисијата која ги спроведуваше изборите појаснуваат дека резултатите не се конечни оти во тек е рокот за поднесување на жалби.
„Напоменувам дека ова се прелиминарни резултати, поради тоа што тече рокот за приговори од пет часа. За конечниот резултат во текот на утрешниот ден ќе биде објавено соопштение на страницата на Судскиот совет“, вели Шабани.
Изаири за судија е избран пред 18 години, право студирал во Приштина, а правосуден испит полагал на Универзитетот Св Кирил и Методиј во Скопје. Работи предмети од кривична област, според интернет страницата на тетовскиот суд во делот за објавени трудови и активности, за Изаири пишува дека тој учествува на семинари организирани од Академијата за судии и јавни обвинители.
Изборот за член на Судски следи по истек на шестгодишниот мандат на Ханиф Зендели. Претходно во советот по предлог на претседателката на државата влегоа Сузана Јошевска-Атанасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ. Последното испразнето место требаше да го пополни полицискиот инспектор Аљбан Кадриу како предлог на Собранието, но по донесување на новиот закон за судски, ќе биде објавен нов оглас.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
