Македонија
31. January 2026 - 16:35

Апсурдна е пресудата за новинарката Вејсели, реагираат медиумските организации и властите

Новинарката од Тетово, Лиридона Вејсели, е осудена на парична казна од 700 евра поради тоа што во новинарско известување спомнала име на судија, со образложение од судот дека со тоа му го нарушила интегритетот.

Судската одлука се однесува на нејзиното новинарско известување на социјалните мрежи, во кое Вејсели го навела името на судијата Назиф Илјази, кој пресудил тримесечна затворска казна- за случај што новинарката го следела подолг временски период.

Според пресудата, објавувањето на името и презимето на судијата било оценето како злоупотреба на лични податоци и како повреда на неговиот интегритет, иако станува збор за носител на јавна функција и судски предмет од јавен интерес. Според Вејсели станува збор за преседан во македонското правосудство и нарушување на слободата на медиумите.

Премиерот Мицкоски ја осуди пресудата за новинарката Вејсели која ја смета за ограничување на слободата на говорот на новинарите.

Реагираа и од Здружението на новинари. Име и презиме на судија е јавен податок, и апсурдно е да се третира објавата на името и презимето на конкретниот судија како повреда на правото на приватност.

-ЗНМ оценува дека оваа првостепена пресуда испраќа многу лош сигнал за слободата на изразување во земјата. Кривичното гонење на новинари за објавување име и презиме на јавни лица, особено судии, го зголемува притисокот врз новинарството и правото на јавноста да биде информирана, реагираат од здружението.

Ваквата одлука на гостиварскиот суд против новинарката Вејсели испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи, реагираа и од и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

-Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи, се наведува во соопштението.

Според кодексот и новинарските стандарди, новинарите смеат да објавуваат имиња на јавни личности особено во теми кои се од јавен интерес. Кога се известува за судски пресуди, тие се јавни како и имињата на судиите кои ги изрекуваат, тој податок е достапен за сите граѓани, не само за новинарите.